ВМРО-ДПМНЕ се лицемерни во нивните ставови и ги лажат и помалите политички партии, ги лажат и граѓаните, рече денеска Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, во поглед на прашањето за една изборна единица.
„Предлогот за една изборна единица знаете дека е предлог уште од 2016 година и лицемерието и лажењето од ВМРО-ДПМНЕ што сите го знаат, граѓаните знаат, дека тогаш тој предлог беше блокиран со илјадници амандмани, а тоа беше пред изборите во 2020 година, некаде февруари месец, кога ВМРО-ДПМНЕ предлогот за една изборна единица отворен пуштен во процедура, за којшто исто така требаше да се разговара, го блокираа со илјадници амандмани за да не дојде воопшто до разговор на таа тема“, рече Митрески.
Како што кажа, СДСМ е за една изборна единица, но треба да се разговара за сите модалитети на таа една изборна единица.
„Прво, гледат дека и денес има различни ставови, едни зборуваат за една изборна единица со праг, други без праг, може да се отвори прашањето за колкав да биде тој праг дали 2%, 2.5%, дали од запишаните дали од излезените гласачи, се отвара прашањето за помалите етнички заедници односно за загарантираните места за помалите еднички заедници, затоа велам дека тоа е сложен процес за којшто треба да обезбедиме консензус од сите, на крајот најдобро ќе биде за сите ако направиме нешто што значи поголема демократизација на македонското општество“, посочи координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, според кого консензус треба да се обезбеди и во однос на прашањето за укинувањето на техничката т.н. пржинска Влада.