23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Бранот поскапувања ќе ги зафати и цигарите

Многу брзо, а најверојатно уште од почетокот на следниот месец, се очекува зголемување на цените на цигарите на домашниот пазар, иако никој од производителите и увозниците на цигари во земјата официјално не ја потврдува информацијата.

За познавачите на состојбите ваквата најава беше очекувана со оглед на трендот на зголемување на цените на суровините, репроматеријалите и енергенсите, пред сѐ гасот и електричната енергија, кои имаат значителен удел во производството. Од друга страна, поскапувањето на горивата драстично ги зголемија транспортните трошоци, што исто така има влијание врз крајната продажна цена на цигарите.

Дополнителен проблем за производителите на цигари е нарушувањето на синџирите за производство и дистрибуција на одредени производи, како што се хартијата и картонот, кое е предизвикано од пандемијата и создава дополнителен притисок врз цените на овие репроматеријали кои се неопходни за производство.

Од друга страна, притисок врз цената на цигарите создава и редовното годишно зголемување на акцизата, која како дополнителна давачка ја воведе државата за да го дестимулира пушењето. Имено, секоја година, почнувајќи од 2013 година, па сѐ до 2023 година, акцизата на цигарите се зголемува за најмалку пет денари по кутија. Во изминатите години, за да избегнат поголемо поскапување на цигарите, некои производители и увозници на цигари, носеа одлуки да преземат дел од трошокот за зголемената акциза врз себе. Но, оваа година, заради енормно зголемените трошоци за производството, преземањето на дел од товарот од редовното годишно зголемување на акцизата би предизвикало целосно нарушување на рентабилноста на производството.

Ова се главните причини кои несомнено водат кон очекувано зголемување на продажните цени на цигарите, појава која веќе се случува во соседна Србија, а набрзо би се проширила и во целиот регион.