23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
SHOWBIZИЗБОР

Почина Александар Џамбазов: Последен поздрав маестро

Почина диригентот и композитор Александар Џамбазов, на 85-годишна возраст.

Веста за неговата смрт ја потврди неговиот син Игор Џамбазов на својот инстаграм-профил.

„Си замина нашиот МАЕСТРО, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години…од денес, конечно со својата Анче…вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“, напиша Игор.

Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Тој е македонски диригент и композитор. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на над педесетина награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

Џамбазов е автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Последен поздрав, маeстро.

Почивај во мир.