„Не знам, не сакам и нема да ги делам луѓето, граѓаните, министрите на ‘наши’ или ‘ваши’. Граѓаните се уморни и преку глава им е од поделби, препукувања и постојани надмудрувања. Доста им е од дневна политика и борба на партиски соопштенија. Планирам единствено да ги разликувам луѓето на способни и неспособни, на чесни и нечесни, на работливи и неработливи, на одговорни и неодговорни. За првите секогаш ќе има место и ќе имаат поддршка, за вторите во Владата и институциите нема и ќе нема место“ кажа мандатарот на новата Влада, Димитар Ковачевски во неговото експозе пред пратениците.
Тој додаде дека поделбите во опшстеството не се добри, но за тоа не се виновни граѓаните, туку политичарите и кажа дека промените затоа мора да почнат и да се креираат во политиката.
„Граѓаните се обединети во барањата за решавање на проблемите и предизвиците, во очекувањата за добри и видливи решенија. Затоа и ние политичарите мора да се обединиме, да разговараме и соработуваме за да одговориме на нивните барања. Ние ќе водиме политики на отвореност и стручност. Многу ќе слушаме, ќе бараме критика и сугестии, за да донесеме најдобри одлуки“ кажа Ковачевски.
Тој додаде дека целата Влада е подготвена „три пати да мери, еднаш да пресече“, но кога ќе се донесат одлуките, истите веднаш и неодложно ќе треба да се применат, за граѓаните да имаат корист од нив.
„Принципот на отвореност и партиципативност ќе започне од првиот ден. Нудам и се надевам на отворена соработка со сите. Сакам да разговорам со опозицијата, со академската заедница, со бизнис заедницата, со синдикатите, со граѓанскиот сектор“ кажа Ковачевски.