Владата на Република Северна Македонија, предводена од Димитар Ковачевски во својата програма како основни цели ги постави контролата и намалувањето на загадувањето, а како еден од чекорите е и јавно објавување на податоците за емисиите на големите загадувачи.
Во програмата исто така се предвидува до 2024 година, ниту една државна институција да не се грее со стари и нееколошки системи за греење, а најавено е и планско, но интензивно зазеленување на државата, особено најзагадените градови.
Ќе се формира и систем на комунална полиција на локално ниво, со посебен закон, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и еко-патроли заеднички да преземаат мерки против сторителите на штетните активности.
Владата исто така има цел до крајот на 2024 минимум 60% од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден на територијата на државата да се преработи со операции за преработка или да се употреби за добивање енергија, а до крајот на 2030 година минимум 60% од целиот отпад од пакување да се рециклира.