Новиот претседател на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски изрази оптимизам дека новата Влада предводена од СДСМ ќе биде избрана до 18 јануари.
Ковачевски рече дека пред Владата стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија.
„Јас верувам дека можеме да ги надминеме сите овие предизвици, со стабилна Влада која ќе има мандат до 2024 година. Во моментов ја усогласуваме програмата што ќе ги содржи најдобрите проекти и предлози на СДСМ и коалициските партнери. Веднаш потоа треба се посветиме и на ефикасна реализација, бидејќи што поефикасно работиме и го почитуваме заемниот договор, постабилна ќе биде Владата“, рече Ковачевски.
Како што додаде, новата Влада ќе стави силен фокус на економијата.
„Насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува“, рече Ковачевски по изборот на новото раководство.
Тој истакна дека согласно економските трендови и силината на кризата, ќе се моделираат и финансиските модели за поддршка на граѓаните и стопанството со цел заштита на ранливите групи граѓани и поддршка на работниците.
„Финансиската поддршка за сите граѓани и за компаниите ќе продолжи и ќе се зголемува. Како што ќе се креираат мерките за интеревенција поврзани со енергетската криза, за заштита на здравјето и помош во услови на пандемија, така ќе се моделира и засилената финансиска поддршка“ – заклучи Ковачевски.
СДСМ вчера го избра новото партиско раководство.