Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска преку видео-врска разговараше со припадниците на Армијата, распоредени во мировните мисии КФОР во Република Косово, Алтеа во Босна и Херцеговина, ЕУТМ-РЦА во Централноафриканската Република и УНИФИЛ во Либан.
Во текот на разговорот припадниците на мисиите го информираа Пендаровски за нивните должности и начинот на нивното извршување, за тековните активности, за предизвиците со кои се соочуваат во текот на реализирањето на своите задачи, безбедносното окружување, како и за моралот и здравствената состојба на мировниците.
Претседателот истакна дека благодарение на професионализмот и пожртвуваноста на припадниците на Армијата распоредени во меѓународните мировни мисии, Република Северна Македонија дава значаен придонес за глобалниот мир и безбедност и се реафирмира нејзината позиција како доверлив партнер во евроатлантската заедница.
Честитајќи им ги новогодишните празници, Пендаровски на припадниците распоредени во меѓународните мировни мисии им посака успех и безбедно враќање во татковината.