25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Ковачевски потпиша важни договори во рамките на „Отворен Балкан“

Претседателот на СДСМ и заменик-министер за финансии, Димитар Ковачевски, денеска учествуваше на седмиот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“, кој се одржа во Тирана.

На состанокот беа потпишани договори со кои граѓаните и компаниите на земјите од регионот добиваат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји.

Како заменик-министер за финансии, Ковачевски е дел од потписниците на овие договори, информираат од СДСМ.

„Договорите што денес ги потпишуваме се влог во иднината, зајакнување на економската соработка и односите меѓу народите на Балканот. Компаниите и граѓаните на земјите од регионот добиваат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји. Верувам дека оваа иницијатива ќе се проширува, зацврстува и ќе придонесе кон економски стабилен и развиен Балкан. ‘Отворен Балкан’ значи економски стабилен и развиен регион“, ја пренесуваат од СДСМ изјавата на партискиот лидер Ковачевски.

Кога договорите ќе бидат ратификувани во парламентите на државите, граѓаните стекнуваат можност слободно да се движат и да работат во секоја од нив.

Со овие олеснувања се очекуваат значајни економски придобивки, економиите се поврзуваат, се олеснува работата на компаниите, а се прават и крупни чекори кон европеизација на регионот, посочуваат од СДСМ.