Во рамките на агендата на Самитот на „Отворен Балкан“ во Тирана, претседателот на Владата Зоран Заев и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски учествуваа и на форумот за земјоделство и регионалната соработка.
Во своето обраќање премиерот Заев истакна дека една од најсилните поддршки на оваа иницијатива е насочена кон унапредување на регионалната соработка во земјоделството и прехранбената индустрија на земјите кои се дел од „Отворен Балкан“, и додаде дека на состанокот во Тирана веќе има конкретни резултати кои создаваат услови соработката во овие области да добие нов импулс и динамика благодарение на договорите и меморандумите што ги потпишавме.
„Земјоделско-прехранбената индустрија е една од најважните индустрии на Западен Балкан во однос на индустриското производство, обемот на трговијата, генерирањето на работни места и во однос на географската распространетост. За тоа колку е значаен овој сектор и зошто го заслужува нашето внимание, говорат и бројките. Земјоделско-прехранбената дејност во вкупниот промет на индустриското производство учествува со 24 отсто од вкупниот прометот во регионот на Западен Балкан. Споредено со просекот на Европската Унија, каде што земјоделските и прехранбените производи учествуваат со 15 проценти, станува јасно колку е важна улогата и местото на земјоделството и прехранбената индустрија во нашиот регион“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека земјоделството игра важна улога и во вкупната економија на Западен Балкан, кој, како примарен сектор, учествува со 12 отсто во вкупниот БДП на регионот, и дека во споредба до просекот на ЕУ каде што земјоделството учествува во 1,56 отсто во вкупниот БДП, станува јасно дека земјоделството и понатаму е еден од главните двигатели на растот во регионот.
„Бројките што ги спомнав доволно силно го илустрираат потенцијалот на регионалната соработка во земјоделството и во производството на храна. За да се овозможи зголемување на трговската размена значајно е меѓу себе да соработуваме и да работиме заедно на унапредување на стандардите и соработката. Олеснувањето на административно-царинските формалности за слободен проток на стоки е еден од клучните аспекти за раст на економијата. Затоа првично се фокусиравме на овие прашања. Поедноставувањето на процедурите, намалување на времето на чекање на границите и тежнеење кон слободен проток е видлив резултат“, потенцираше претседателот на Владата Заев.
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски во своето обраќање се задржа на значењето на потпишаните договори и нагласи дека со признавањето на сертификатите од трите страни, транспортот на земјоделските производи и на храната ќе се поедностави и ќе се забрза со што ќе се намалат загубите и ќе се обезбеди побрз пристап на производите на регионалниот пазар.