Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпска во интервју за Утрински брифинг посочи дека најмногу пари од буџетот на МТСП за наредната година ќе се потрошат за социјални бенефиции, пред се за ранливите категории на граѓани.
„Со субвенции овозможивме раст на платите на прaвни и приватни субјекти кои ќе придонесат 120.000 работници да добиваат повисока плата. Дополнително и оваа година обезбедени се средства за младински додаток, што значи директна помош на трансакциска сметка за млади лица под 23 години кои се ангажирани директно во производството. За наредната година се обезбедени повеќе средствата за капитални инвестиции од оваа година, затоа што имаме висока реализација на капиталните проекти. Минатата година изградивме 10 градинки, 9 градинки се во финална фаза, заради локалните избори не ги ставивме во употреба. Се надевам дека до нова година ќе отвориме две градинки. Тоа се навистина современи објекти согласно светски и европски стандарди за едно квалитетно згрижување за деца од претшколска возраст, рече министерката Шахпска.
Таа рече дека преку МТСП се пренасочуваат средствата за примателите на гарантираната минимална помош, детскиот и образовен додаток, помошта и негата од трето лице на лица со попреченост, посебниот додаток за попреченост, меѓу граѓаните познат како додаток за мобилност, социјалната сигурност за стари лица кои не оствариле право на пензија по друг основ. Информираше дека од буџетот на МТСП се одвојуваат и средства за активните програми за вработување кои одат директно во Агенцијата за вработување како дел од Оперативниот план на активни програми и мерки.