Градоначалничката на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, покажа неспособност со тоа што два месеца од мандатот ѝ поминаа во неработење и правење штета на граѓаните на град Скопје, обвинија од СДСМ.
„Арсовска скандалозно го поништи проектот ‘Бас рапид транзит’ за еколошки и ефикасен градски превоз, на кој се работеше три години со партнерите од ЕБОР. Уште поскандалозна е нејзината најава дека нема да ги гради двата нови моста, мостот на булеварот АСНОМ и мостот на улицата Љубљанска.
Мостот на АСНОМ е во поодмината фаза и Арсовска само требаше да ја продолжи неговата изградба. Мостот го олеснува сообраќајот за Аеродром и Гази Баба. Мостот на Љубљанска има целосен проект и средства обезбедени од Владата предводена од СДСМ преку „ТАВ програмата“. Важен е за граѓаните на Карпош и Центар.
Со овој прекин на три капитални проекти, само поради лични каприци, Арсовска покажува несериозно, нечесно и политикантско однесување, кое е исклучиво на штета на интересите на граѓаните, на штета на развојот на Скопје“, велат од владејачката партија.
ВМРО-ДПМНЕ не може со невистинити податоци да ги покрие неспособноста, штетното однесување, разрешувањето директори, прекинување проекти и низа други неуспеси на Арсовска, се наведува во соопштението на СДСМ.
Порачуваат дека Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, наместо да измислувале алиби, да се зафателе со решавање на проблемите и, конечно, да почнат да работат за интересите на граѓаните.