25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

Регионални консултации на УНЕСКО за Европа и за Северна Америка за културните политики

– Сите сме свесни за вистинската моќ на културата, уметноста и културното наследство во зачувувањето на човековата меморија и враќањето на човечкото достоинство и гордост. Освен тоа, знаеме дека културните политики низ вековите можеле да обликуваат историски наративи кои ја доловуваат националната митологија и кои го отелотворуваат идентитетот на земјата. Меѓутоа денешниот свет, кој брзо се менува, сериозно ги предизвикува концептите на културната политика од 20 век – рече министерката Ирена Стефоска на денешните регионални консултации на УНЕСКО за Европа и за Северна Америка за културните политики што се одржаа онлајн.

Во рамките на својата презентација на тема: „Инвенстирање во културата и креативноста за креирање вработување и социоекономски развој”, Стефоска нагласи дека дефинитивно мораме да дадеме се од себе за да ја промениме лажната перцепција за културата како трошок или луксуз и да ја прикажеме како важна стратегиска инвестиција која носи значителни придобивки за општеството.

Во своето обраќање таа додаде дека токму затоа на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, оваа година – 2021 беше прогласена за Меѓународна година на креативна економија за одржлив развој.

– За жал, пандемијата од КОВИД-19 во голема мера ја парализираше креативната економија – истакна Стефоска.

На настанот претседаваше Нина Обуљен Коржинек, министерка за култура и медиуми на Република Хрватска, а свое излагање имаше и Ернесто Отоне, помошник на генералниот директор на УНЕСКО за култура. На состанокот, учесниците дискутираа и за теми поврзани со: промоција на културната разновидност во дигиталното опкружување и јакнење на статусот на уметниците; заштита и промоција на културното наследство за социјална инклузија, дијалог и мир; јакнење на синергиите меѓу културата и образованието фокусирани на човечки развој и одржливост и регионално и светско партнерство за културата и одржливиот развој.

Регионалните консултации претставуваат подготвителен процес пред Светската конференција на УНЕСКО за културните политики и одржлив развој – Mondiacult 2022, што УНЕСКО, во партнерство со Владата на Мексико, ќе ја реализира од 28 до 30 септември 2022 година.