На свечениот настан што се одржа по повод 15-годишнината од основањето на Академијата за судии и јавни обвинители, министерот за правда, Бојан Маричиќ, во своето обраќање даде кус осврт на важноста и значењето на Академијата, како и на заложбите што Министерството за правда и Владата ги прават за нејзин развој и усовршување преку реформата во правосудниот систем.
„Тука Академијата ја игра најважната улога. Таа е храм на образованието во правосудниот систем, изворот на квалитетни и стручни судии и јавни обвинители и единствена гаранција дека во правосудството ќе влезат најдобрите кадри. Но, може да се каже и дека е појдовна точка за целокупниот правосуден систем со значајна улога на чувар на достоинството и кредибилитетот на судиите и јавните обвинители“, рече Маричиќ во своето обраќање.
Тој потенцира дека измените и дополнувањата на Законот за Академијата на судиите и јавните обвинители се во насока на исполнување на заложбата и ангажманот на Владата и Министерството за правда во процесот на креирање независен, непристрасен и ефикасен правосуден систем, кој одговара на европските стандарди.
„Академијата и понатаму останува единствена точка за влез во судството и Јавното обвинителството, каде што судиите и јавните обвинители во континуитет добиваат стручно усовршување на теоретските и практичните знаења според однапред подготвени програми, дизајнирани според потребите на целните групи. Ова е формулата што носи квалитет во правосудниот систем и продуцира кадри на судии и обвинители, кои, покрај домашното законодавство, ги знаат и применуваат Европската конвенција за човекови права и слободи, законодавството на ЕУ и други меѓународни стандарди“, додаде Маричиќ.
На крајот, министерот за правда испрати честитка за досегашната работа на Академијата и посака да продолжи посветено да работи и понатаму заради квалитетот на идните генерации на судии и јавни обвинители, заради заштита на професијата, заради граѓаните, но и заради напредокот на државата, која одлучно работи на европската агенда.
Академијата му додели благодарница за неговиот ангажман и придонес како министер за правда во развојот на Академијата за судии и јавни обвинители.