Нашиот систем мора да стане реално инклузивен, многу побрз и да генерира знаење. А се тоа да биде прифатено, како висок јавен интерес, вели кандидатот за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во неговата програма доставена до членовите на партијата.
-Реформи во образованието, да, сега и веднаш, но не на сила, туку низ дебата, низ консултација, преку овозможување повеќе опции, преку согледување на позитивните примери и препораки, заеднички, со желба и посветност за подобро денес и подобро утре, појаснува тој.
Ковачевски потенцира дека образованието е важно бидејќи ги оформува нашите деца, ја оформува нашата иднина, но и сегашноста и токму затоа вистинските промени во општеството мора да започнат од образованието.
Тој ветува фер шанса, но и предност и форсирање на стручните, образованието, вредните, докажаните, неподмитливите, искусните луѓе на вистински места со цел градење на систем кој испорачува, ефикасно и навремено.
-Ќе создаваме тимови и советници кои стручно ќе може да делуваат и ги застапуваат темите пред граѓаните, во јавноста, а не политички. Нам не ни требаат ‘слепи послушници’ кои СДСМ ќе го бранат по секоја цена и тогаш кога ситуацијата е неодбранлива, туку лица со авторитет, кредибилитет и знаење кои ќе ги бранат интересите на граѓаните и кои ќе даваат максимум од себе и ќе бараат максимум од другите во испораката на сервиси и услуги кон граѓаните“ вели Ковачевски.