Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска учествуваше на 8. Меѓународна конференција на жената Ромка, во организација на Советот на Европа во Стразбур, на која меѓудругото, се разговараше и за влијанието што Ковид-19 го имаше врз Ромите, во однос на здравствената заштита, но и во однос на човековите права, дискриминација, расизам, вработување, родова еднаквост, младите.
На конференцијата на која учествуваат претставници на земјите членки на Советот на Европа, како и претставници на бројни невладини организации кои работат на унапредување на положбата на Ромите, особена на жените Ромки беше нагласена потребата од системски и организиран пристап кој подразбира прилагодување на мерките на потребите на Ромите, особено во услови на пандемијата Ковид-19.
Министерката Шахпаска, во своето обраќање, нагласи дека политиките на македонската Влада, се фокусираат на превенција и борба против родови стереотипи и сексизам, превенција и борба против родово базирано насилство, еднаков пристап до правда за жените, балансирано учество на жените и мажите во донесување одлуки, како и родово одговорно буџетирање во институциите на централно и локално ниво.
„Република Северна Македонија во регионот, па и пошироко стана пример за земја со традиционално меѓуетничка и меѓурелигиска толеранција и земја во која се почитуваат разликите. Тоа го постигнавме преку политики кои обезбедуваат еднаков степен на вклученост и интеграција на сите етнички заедници. Впрочем, тоа е Концептот „Едно општество за сите“ кој го промовираше Владата на Република Северна Македонија и кој стана општоприфатен во земјата. Наша обврска е да создадеме општество кое интегрира, а не сегрегира, општество кое обединува, а не прави делби, општество кое вклучува, а не исклучува“, нагласи министерката Шахпаска.
Таа информираше дека напорите кои ги вложуваме во унапредувањето на статусот на жената Ромка во нашата земја, произлегуваат од Стратегијата и националните акциони планови за Ромите во Северна Македонија, како и од посебниот Акциски План за жената Ромка.
„Како држава преземаме мерки и активности за надминување за вклучување на децата Роми во предучилишното образование, за вклучување на децата Роми во образованието, за нивно згрижување во дневни центри со цел да им се даде поддршка како на децата, така и на нивните родители. Грижата за сексуално и репродуктивно здравје на жените Ромки е високо на нашата агенда“, додаде министерката Шахпаска.
Во однос на положбата на Ромите и жените Ромки во услови на пандемијата со Ковид-19, министерката Шахпаска заклучи дека со социјалната реформа од 2019 година, која обезбеди пораст на гарантираната минимална помош за 300 проценти, детски и образовен додаток, државна социјална пензија, овозможивме ранливите категории на граѓани полесно да ја пребродат пандемијата. Таа информираше дека со олеснетиот пристап во системот на социјална заштита беа опфатени дополнителни 8.500 домаќинства, со што преку ГМП се обезбедени вкупно 36.200 домаќинства, од кои 20 проценти се ромски домаќинства.
Во рамките на Меѓународната конференција на жената Ромка министерката Шахпаска имаше средби и со генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ, со директорката на Директоратот за демократија Снежана Самарџиќ Марковиќ, како и со секретарката на Венецијанската комисија Симона Граната Менгини.