23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

СДСМ обвини: Мицкоски купуваше струја по 250e/mwh кога немаше енергетска криза, ВМРО-ДПМНЕ го ослабе РЕК Битола, а рудниците ги запусти

Соопштение на СДСМ:

Однесувањето на ВМРО–ДПМНЕ во екот на енергетската криза што ја поминува Република Северна Македонија е недолично и неодговорно.

Функционерите на ВМРО – ДПМНЕ секојдневно шират лаги и невистини со кои го омаловажуваат трудот и напорите на вработените во РЕК Битола да ги стават севкупните капацитети во производствен погон.

За ВМРО – ДПМНЕ скоро и да не постои стручно изведен процес во РЕК Битола последниов период. Обвинуваат за нестручна санација на котелскиот дел во Блок 1, нестручен ремонт на Блок 2, заборавајќи притоа да споменат дека во голем дел од производствените единици работат професионалци, долгогодишни и искусни работници во РЕК Битола кои меѓудругото во своето слободно време извршуваат и високи партиски функции во ВМРО – ДПМНЕ.

Безобразно е ВМРО – ДПМНЕ да кажува дека назнаката ископ на јаглен е излитено клише, а пари се испумпуваат под назнака ремонт на блокови. Состојбите со кои се соочува РЕК Битола, колку и да звучи веќе банално, се директна последица на неодговорното работење на кадрите на ВМРО – ДПМНЕ во РЕК Битола и ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) во периодот 2006 – 2017 година.

Од 2010 година до 2018 година не бил направен ниту еден капитален ремонт на било кој од трите блока во РЕК Битола, спротивно на препораките на изведувачите на модернизацијата на блоковите. Ремонтите се неопходна активност за одржување на и онака старата инсталација во РЕК Битола која ВМРО – ДПМНЕ ја занемаруваше за сметка на скапите ископи на јаглен во рудниците.

Ноторна лага е дека годинава се потрошиле 60 милиони евра за ископ на јаглен, но вистина е дека менаџерите на РЕК Битола во време на ВМРО – ДПМНЕ трошеле и по 40 милиони евра за ископ на јаглен, а произвеле помалку електрична енергија отколку во најлошите години на РЕК Битола.

ВМРО – ДПМНЕ лаже и кога тврди дека во 2017 година нивниот менаџерски тим во РЕК Битола оставил огромни количини јаглен подготвен за експлоатација. Вистината е дека, спротивно на рударските проекти, количините на неископана јаловина достигнуваа над 100.000.000 метри кубни во рудниците на РЕК Битола. Сето тоа во услови кога комбинатот и АД ЕСМ потрошиле над 210 милиони евра за ископ на јаглен и дополнителни 7.982.234 евра за ангажирање на помошна механизација.

Што се однесува до узвозот на електрична енергија, во услови кога немаше енергетска криза во земјава и пошироко и кога рудниците на РЕК Битола не беа погодени од елементарни непогоди, кадрите на ВМРО – ДПМНЕ потрошиле една милијарда евра за увоз на струја.

ВМРО – ДПМНЕ да престане со нападите и да дозволи вработените во РЕК Битола да се изборат со последните предизвици. РЕК Битола постои 40 години благодарение на скоро две и пол илјади вработени во моментов кои совесно си ги извршуваат работните задачи и уште толку кои се пензионирале од комбинатот.