23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Петровска за ТВ 24: Следната влада повторно ќе биде предводена од СДСМ

Очекуваме сите прогресивни сили во нашата држава, кои го препознаваат она што во изминатиот период се случуваше во државата и сите позитивни исчекори што беа направени ќе го верификуваат и ќе го дадат својот глас, порача пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во емисијата „24 анализа“ на телевизија 24.

Таа додаде дека вечерашната средба на претседателот на СДСМ Зоран Заев со коалициските партнери беше во насока на информирање за она што се случуваше на ЦО и на ИО на СДСМ, како и во рамките она што ќе се случува утре во собранието.

Во случај ако собранието утре изгласа недоверба, Петровска рече дека тогаш почнува чекорот број два, а тоа е обид да се формира нова влада, за што ВМРО-ДПМНЕ нема одговор.

Доколку утре се изгласа недоверба на владата на СДСМ, течат рокови за нова политичка Влада, која повторно ќе биде предводена од страна на СДСМ, порача Петровска, додавајќи дека во рамките на тие преговори отворени се за сите политички партии кои се согласуваат со ставовите и принципите на СДСМ и сегашните коалициони партнери.

Таа додаде дека не верува дека ВМРО-ДПМНЕ има постигнато договор во кој правец да оди државата и дека се сплотени околу тоа.

Ако се сплотени и обединети, тогаш ќе го имаа одговорот на второто прашање, дали имаат политички капацитет и по број на пратеници да формираат влада, но таков одговор немаат, а тоа значи дека на суштински прашања имаат различни ставови.

Таа нагласи дека Мицкоски треба да одговори, ако Левица е составен дел на неговата идна влада или ја поддржи, која е цената што ја плаќа за Левица да ја поддржи неговата идна влада, дали тоа значи ретерирање од членство во НАТО, дали значи влошување на етничките односи.

Тоа се реални прашања, што треба да се одговорат, за да не не враќаат назад, да денеска сме стабилна држава поради мудрите и стабилни политики што беа водени по различни прашања во изминатиот период, но ако се води од некоја влада што не знае на што се темели или се темели на уцени, од политички партии тогаш не сум сигурна дека стабилноста ни е загарантирана, особено со несоопштување на вистината пред граѓаните, нагласи Петровска, додавајќи дека на граѓаните им требаат вистински одговори.

Таа нагласи дека дополнителни кризи поттикнати од лични интереси не треба да се дозволат и тоа е една од причините заради која беа дадени препораките дадени вчера на ЦО на СДСМ.

Оставката на претседателот Зоран Заев не беше изненадување. Таа беше најавена неколку пати во кампањата. Повлекување од таа негова оставка нема. Но вчера на Централниот одбор беше заклучено имајќи предвид што се случува и каков период не чека, најодговорно е оставката да биде тргната на страна, додека не се стабилизира парламентарното мнозинство, порача пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во 24 анализа на телевизија 24.