23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Продолжува опремувањето на полицијата – нови униформи за униформираната полиција и други единици на МВР

Во насока на континуирано унапредување на условите за работа на полициските службеници раководството на МВР продолжи со активностите за набавка на нови униформи за сите полициски службеници, па нови комплет униформи добија и припадниците на униформираната полиција и други единици во Министерството за внатрешни работи, кои денеска беа промовирани во кругот на Министерството за внатрешни работи.

Конкретно, за опремување на униформираната полиција набавени се целосни униформи во состав од 10.000 зимски јакни и 8550 високи специјални чизми чија испорака се очекува почеток на 2022 година, 20.000 летни и зимски панталони, 10.000 чевли со дебел ѓон и 20.000 летни и зимски капи со испорака во текот на следниот месец и испорачани 10.000 кошули со краток и 10.000 со долг ракав, 8.000 поло маички, 10.000 полувисоки чевли и 8.000 чевли со тенок ѓон и флуоресцентни елечиња.
„Во овие пет години направивме системски напори за унапредување на работата на сите полициски службеници и воспоставување функционален амбиент со нормални услови за работа, при што задоволната полиција ќе овозможи и поквалитетен сервис за своите граѓани“, потенцираше министерот Спасовски на денешното претставување на новонабавените униформи во кругот на Министерството за внатрешни работи.

Инаку, целосно нови униформи добија повеќе организациони единици во полицијата, меѓу кои Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на Бирото за јавна безбедност, популарно наречената „Шеста управа“, која доби дводелна цивилна облека и обувки, за воздухопловниот персонал и Хеликоптерската единица набавени се летечки јакни и специјални заштитни и летечки комбинезони, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници.

Имено, со доаѓањето на чело на МВР на министерот Спасовски, како резултат на посветеноста за унапредувањето на условите за работа на полициските службеници, реновирани се над 60 објекти и полициски станици на МВР, специјалниците единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи се набавени и за останатите полициски службеници, исплатени беа три заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, обезбедени се поголем број донации во возила и опрема за разни полициски организациони единици, со што министерството бележи значително подобрени перформанси во борбата со криминалот, сообраќајната безбедност и севкупната безбедноста на граѓаните на целата територија на нашата држава.

Актуелното раководство на МВР ќе продолжи да соработува со Македонскиот полициски синдикат, да го слуша нивниот глас како единствен репрезентативен синдикат на полицијата, со цел заеднички да се унапредуваат условите за работа и да се подобруваат материјално-техничките добра на полицијата и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи.