Седуммина Авганистанци изутринава од Меѓународниот аеродром Скопје преку Истанбул, заминаа за Португалија како нивно трајно одредиште.
Како што е веќе познато станува збор за вработени во меѓународни организации и нивни семејства на кои во изминатиот период нашата земја им обезбеди привремено засолниште во рамки на меѓународната хуманитарна операција за помош.
Најголемиот дел се вработени и нивни семејства во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан
Во моментов привремено прибежиште кај нас имаат 407 граѓани од Авганистан.
Претходно група од 10 граѓани од Авганистан кои привремено беа згрижени во земјава заминаа за Франција. Друга група сочинета од 35 активисти за човекови права и женски права и членови на нивни семејства се упатија за траен престој во Грција и бројката континуирано се намалува.
Македонската Влада уште на почетокот на судирите во Авганистан соопшти дека ќе обезбеди привремено прибежиште за сите активисти кои работеле за невладините организации и институции чиј главен фокус биле демократијата и човековите права. Тогаш министерот Бујар Османи истакна дека солидарноста се спроведува на дело, како и дека сме домаќинска земја, дека знаеме секому да му посакаме добредојде.
„Со овие луѓе делиме заеднички вредности за слобода, за демократија, за мир и за еднаквост. За жал, не по нивна волја, на овие луѓе денес, но и на нивните семејства им е загрозена безбедноста, загрозени им се нивните животи, и затоа ние одлучивме да им помогнеме сега, денес, веднаш – т.е. кога им е најмногу потребно“, потенцираше министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Владата ја извршуваше спасувачката мисија со сојузничките НАТО сили, со амбасадата на САД во земјава и со меѓународните организации и донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.