23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Шилегов: Изградбата на улици и мостови кои поврзуваат не смее да запре

Скопје го промени својот лик. Скопје стана град кој ги поврзува своите граѓани. Есенинова е еден од симболите на тоа поврзување. Со изградбата на долгоочекуваната улица Есенинова ги поврзуваме булеварите Борис Трајковски (Првомајска) и Трета македонска бригада, изјави вчера градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

„Оваа улица е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар, заради фактот што оваа улица ќе претставува трето поврзување на урбаните делови на Аеродром и Кисела Вода. Знаеме дека бул. Трета македонска бригада во Аеродром со должина од 2,5 километри имаше само 2 поврзувања со Кисела Вода, едното преку бул. Србија со бул. Борис Трајковски, а второто како познато тесно грло, кај Тутунски комбинат, кое воедно претставуваше поврзување на Аеродром и со Кисела Вода и со Центар“, продолжи Шилегов.

„Со изградбата на Есенинова ова т.н. тесно грло во сообраќајот ќе го растовариме на начин што ќе го скратиме кружењето околу Тутунски, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат по правецот од Континентал во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, кои избегнувајќи го тесното грло кај Тутунски кружеа или преку бул. Србија во Аеродром или преку бул. Крсте Мисирков и Кочо Рацин во Центар. Така на пример од Чешма до Континентал ако досега се патувало 3 км преку Центар или 8 км преку Аеродром, сега преку трасата Есенинова – Никола Карев – Беласица ќе се патува само 2 километри, изразено во време тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути“, нагласи Шилегов.

„Изградбата на мостови и улици кои поврзуваат, кои обединуваат не смее да запре. Изградбата на европско, урбано и зелено Скопје мора да продолжи. Драги скопјанки и скопјани, Вие граѓаните сте силата на овој град, и само вие одлучувате во каков град ќе живеете. Иднината на Скопје е во ваши раце. Ајде да се обединиме затоа што имаме иста цел – силно, единствено Скопје, во кое се живее достоинствено. Ајде да се обединиме за модерен град кој вложува во иднината, а не во минатото. Да дадеме поддршка за Скопје кое ги поддржува младите да градат семејства тука и кој силно вложува во здрава иднина, чист воздух и модерна инфраструктура. Богатството на Скопје е неговата разноликост. Ајде да се обединиме околу Скопје кое вложува секаде еднакво, без поделби. За Скопје кое го развива градот за сите негови граѓани“, повика Шилегов.

„Јас верувам дека сите сакаме ваков град а тој град го градам со вас веќе четири години. Но само со вашиот глас можеме да продолжиме напред и никако поинаку. Вашата сила, драги скопјанки и скопјани, е вашиот глас. Излезете на изборите и изберете силно Скопје, Скопје кое се гради, кое расте, Скопје кое го продолжува својот пат меѓу најразвиените градови во Европа. Тоа можеме да го направиме само обединети. Дајте ми го вашиот глас и јас ќе бидам градоначалник кој нема да застане, ќе бидам градоначалник кој ќе управува со градот заедно со сите вас. Да се обединиме затоа што Скопје не смее да запре“, додаде Шилегов на крајот од денешната прес-конференција од улица Есенинова.