23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за преговори за членство во ЕУ, се наведува во новиот извештај

Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по европскиот пат.

Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето во делот на ЕУ-реформите и ги зголеми своите напори за испорачување конкретни резултати и натаму. Ова се наведува во извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија, кој е објавен во Стразбур. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи, денеска го презентира извештајот пред пратеници од Комисијата за надворешни работи на Европарламентот, пренесе „Дојче веле“.

Европската комисија предупредува дека одлагањето на официјалниот почеток на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ. Поради тоа, како што се наведува во извештајот, билатералните прашања меѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени. Комисијата ја истакнува важноста од постојано имплементирање на договорот од Преспа и договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни.

Во извештајот се препорачува земјата да го зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби, а Владата треба да го задржи реформскиот импулс и да се фокусира на имплементација на постојната правна рамка. Наведено е дека е постигнат одреден напредок во финализирањето на хоризонталната функционална ревизија на државната администрација. Важно е ревизијата да биде усвоена од Владата. Во извештајот се додава дека треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Во него се нотира и дека е постигнат одреден напредок и во борбата против тероризмот и спречувањето насилен екстремизам. Во однос на економските критериуми, се оценува дека Северна Македонија постигнала одреден напредок и е на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Понатаму, се наведува дека е потребен поголем напредок в година во однос на внатрешниот пазар, имено слободното движење на стоки, услуги и капитал, интелектуална сопственост и политика за конкуренција бидејќи е релевантен за подготовките на Северна Македонија да ги исполни барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и за развојот на заедничкиот регионален пазар.

Комисијата очекува првата меѓувладина конференција да се одржи што побргу, штом се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година.