24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Министерката Шахпаска од рудникот САСА: Работиме на измени во законското решение со кое рударите со вкупен стаж од 40 години ќе одат во пензија

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска беше во посета на Рудникот за олово и цинк – Саса во Македонска Каменица. По средбата со генералниот директор Скот Јелланд и дел од раководството на САСА, се сретна и со рударите кои работат во внатрешноста на рудникот. Посетата ја предводеа лица кои се дел од стручната екипа на рудникот САСА.

„Навистина беше исклучително искуството да се биде на работното место, на работните позиции каде што рударите ги извршуваат своите работни задачи. Влеговме на позиции каде што се ископува рудата и го проследивме целиот процес на излез на рудата од рудникот. Министерството за труд и социјална политика, како надлежно од сферата на трудот заедно со Владата на РСМ, води политики кои се насочени кон вреднување на трудот на работниците, а во случајот зборуваме за рударите,“ посочи Шахпаска.
Таа ја потенцираше важноста од почитувањето на безбедноста и здравјето при работа, затоа што само генерирање на безбедни работни места, резултираат со мотивирани работници. Истовремено, таа потврди дека условите во рудникот САСА се во согласност со сите пропишани стандарди. Дека безбедноста е на прво место потврдија и менаџментот на рудникот САСА,.

Министерката Шахпаска истакна дека со законското решение во 2018 година, старосната граница на рударите беше спуштена од 58 на 50 години, но поради дилеми во толкувањето, министерството работи на допрецизирање на оваа одредба. Со измените во законот, рударите со вкупен стаж од 40 години ќе одат во пензија.

„Истовремено, како Министерство работиме и на целосно нов Закон за безбедност и здравје при работа, затоа што наша обврска е да ја зајакнеме безбедноста на сите работници, а особено на оние професии кои се квалификувани како ризични“, посочи Шахпаска.

Таа порача дека Министерството за труд и социјална политика продолжува со заложбата за почитувањето на работничките права, безбедноста и заштита на здравјето при работа, а со тоа и контрола на почитување на истите, затоа што секој граѓанин е важен.