23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Герасимовски: Преку анкета или референдум граѓаните ќе учествуваат за новите градби во Центар

Изминатите осум години општината и покрај мораториум работи на санирање на штетите од ВМРО-ДПМНЕ, порача Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата во вечерашното учество во емисијата Објектив на МРТ. Тој појасни дека во минатото не биле почитувани законите при носење на ДУП-ови и ГУП-ови поради што во општината настанал урбанистички хаос.

„Ние четири години скоро имаме Мораториум во општина Центар, а воедно и ги санираме оние штети кои ги има направено ВМРО-ДПМНЕ. Се носеле ДУП-ови и ГУП-ови се пишувале сто-катници и не се почитувале целосно законите за градба. Овие четири односно осум години целосно се запазени сите законски процедури. Во изминатите четири години ние ги усогласувавме ДУП-овите со цел да ја санираме штетата која што беше направена во време на ВМРО-ДПМНЕ односно да ја намалиме катноста и да заштитиме што повеќе зеленило во интерес на граѓаните, рече Герасимовски.

Тој во емисијата исто така најави целосна отвореност на општината за граѓаните.

„За поголемите проекти општината ќе ги прашува граѓаните на референдум, а за помали проекти граѓаните ќе се прашуваат преку јавна анкета. Односно нашата цел е граѓаните да бидат целосно во фокус за да се изјаснат за одредено прашање“, изјави Герасимовски.

На крај Герасимовски ги повика граѓаните да излезат на гласање, да го заокружат бројот 12 да го запрат неконтролираното градење и преку ревидирање на ДУП-овите да го заштитат зеленилото.