Кочани ја има најдобрата понуда за одржлив развој, а со реализираните капитални проекти обезбедивме огромна предност пред противникот, кажа кандидатот за градоначалник од СДСМ, Николчо Илиев на партиската трибина во градот.
-Изградивме над 60 улици, нова градинка, планинарски дом, мултикултурен центар и финансиски чесно и одговорно ја водевме општината. Затоа ќе ја добиеме поддршката за да продолжиме со решавање на проблемите, рече Илиев.
Тој најави дека подеднакво ќе вложува во градот и околните населени места, затоа што силни села значат и силна општина, а воедно додаде дека општината ќе продолжи да испорачува редовни социјални услуги и да вложува во спортот, здравјето и културата.
-Изградивме градинка, но сега ќе градиме дом за стари лица. Досега вложивме три милиони евра во туризмот, а сега ќе градиме ски центар на Царев врв. Проектираме во градот и катна гаража, мост, нови патеки, нагласи Илиев.
-Покажавме дека општината може да биде ликвидна и ми е драго што ние бевме првата општина што се раздолжи, заклучи Илиев.