23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(ВИДЕО) Завршна показна вежба на припадниците на САЕ „Тигар“ во рамки на проектот ИПА 2016 „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“

„Проблематиката на насилниот екстремизам и тероризам како прилично сензитивна, сега веќе глобална, а не само национална закана, дополнително бара мултиплицирање на институционалните напори и потенцијали во квалитетно спротивставување, потпирајќи се подеднакво како на сопствените капацитети и нивната постојана надградба, така и на меѓународната институционална соработка, комуникација и партнерство“, ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Полицискиот центар ,,Ѓорче Петров“ на завршната показна вежба од едномесечната обука на припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ на МВР, во рамки на проектот ИПА 2016 „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“, на која покрај раководството на МВР, присуствуваа Н.Е. Андреа Силвестри, амбасадор на Италијанската Република во земјава, претставници од Делегацијата на Европската Унија и поканети гости. Обуката ја спроведоа експерти од Специјалната единица за интервенции на италијанските карабинери.

Во своето обраќање по повод вежбата министерот Спасовски потенцираше: „Заедно со нашите партнери од ЕУ, како и со користењето на низата конкретни механизми за помош и поддршка на Унијата, Министерството за внатрешни работи постојано работи на севкупното институционално зајакнување на сите организациони сегменти подеднакво, имајќи на ум една иста цел: структуирана полиција која што ќе биде во служба на безбедноста и сигурноста на граѓаните и на општеството, истовремено препозната како кредибилен и важен фактор во билатералните или мултлатералните полициски активности“, додавајќи: „Навистина ме радува фактот што нашата полиција и натаму ужива огромна поддршка и кредибилитет кај нашите пријатели од ЕУ, исто како што радува фактот дека од наша страна правиме извонредни напори таквата позиција да биде заслужена и задржана. Бездруго оваа обука, односно импактот од неа, дополнително ќе значи натамошно професионално-оперативно профилирање и надградување на полициските службеници, дотолку повеќе што станува збор за една од најчувствителните безбедносни проблематики – насилниот екстремизам и тероризам“, нагласи министерот Спасовски.

Италијанскиот амбасадор Силвестри во оваа пригода пред присутните рече: ,,Ова е прв проект на ЕУ за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам имплементиран во Република Северна Македонија и на Балканот од страна на карабинерите и особено би ја истакнал личната посветеност и професионалниот пристап на обучувачите што резултираше со успешно завршување на овој значаен проект“. Амбасадорот Силвестри упати благодарност до министерот Спасовски и до раководството на МВР за досегашната одлична соработка во повеќе сфери од полициската работа и даде уверување дека и во наредниот период Владата на Италијанската Република преку Италијанската Амбасада во земјава останува отворена за реализација на нови значајни проекти како искрен поддржувач и партнер.

Раководителот на Одделението за операции во Делегацијата на ЕУ, Фрик Јанмат го потенцираше значењето на денешниов проект – Јакнење на капацитетите за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам, за кој рече дека во себе вклучува активности за кои е потребен меѓуинституционален пристап, развојна стратегија со посебни методи, тактики и техники во справувањето со насилниот екстремизами тероризмот, посебно во делот на заштита на јавните добра, критичната инфраструктура и заштитата на граѓаните.

Началникот на Одделот за специјални полициски операции Бранко Трајановски и командантот на САЕ „Тигар“ Митко Даневски на припадниците на САЕ –Тигар,им ги доделија сертификатите за успешно завршената обука, министерот Оливер Спасовски амбасадорот на Италијанската Република во земјава Н.Е Андреа Силвестри му додели благодарница за поддршката и успешната соработка, а директорот на БЈБ Сашо Тасевски му додели благодарница за поддршката и успешната соработка на Масимо Пани, претставник од Делегацијата на ЕУ во земјава.