24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
danela arsovska
МАКЕДОНИЈА

Данела Арсовска: Скопје ќе биде вистински вело град

„Вело патеки што во светот ги нарекуваат автопати за велосипед ќе никнат од Бутел преку Чаир кон Центар, од Гази Баба до Центар, од Драчево преку Кисела Вода кон Центар, од Даме Груев кон Ѓорче Петров. Во Скопје не смее да има булевар без велосипедска патека и таква велосипедска мрежа мора да има и од приградските населби кон центарот на Скопје“ – вака ја започна денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, од невообичаено место од каде што може јавноста да види дека Скопје нема вистински и непрекинати велосипедски патеки.

Таа истакна дека велосипедистите секојдневно се соочуваат со проблеми, затоа што на така наречените патеки, има се, освен слобода да уживаат во возењето. На средина на патеките има контејнери, сообраќајни знаци и други најразлични препреки, а во исто време актуелен е и проблемот со наоѓаање соодветно вело паркинг место.

„Ќе се обезбедат и нови паркинг места за велосипеди, заштитени од кражби и оштетувања и истите ќе бидат под 24 часовен видео-надзор. А, со цел реализација на проектот Скопје – вело град, ќе биде спроведена модернизација на системот за изнајмување велосипеди, со современа апликација за само изнајмување во рамки на Скопје. Во исто време предвидено е градот да обезбеди 1000 бесплатни електрични велосипеди што ќе бидат доделени на групи на граѓани со пониски примања и ќе биде зголемена финансиската поддршка на граѓаните за набавка на велосипеди, како и електрични тротинети – додаде Арсовска.

Арсовска раскажа дека по истиот принцип ќе биде воспоставен систем на изнајмување на електрични тротинети во целиот град, со што ќе се подигне степеност на користење алтернативни решенија за автомобилите и ќе се намали загадувањето.

За крај посочи дека Скопје има потенцијал да биде град на велосипеди и потребно е тоа на граѓаните да им биде овозможено.