25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шахпаска: Село Ангелци ја добива првата градинка, достапна и за децата од околните села

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска го посети селото Ангелци, во општината Василево, за да направи увид на градржни работи на градинката во која ќе бидат згрижени 53 дечиња до шест годишна возраст. Освен децата од ова село во градинката која е дел од Јавната Установа „Прва радост“ ќе бидат згрижени и деца од најблиските рурални средини, Градашорци, Седларци, Едрениково и Вељуса кое иако не е под општината Василево е блиску, бидејќи инфраструктурно е добро поврзано. Според министерката Шахпаска новата градина е прва во ова населено место, а втора во општината Василево и е уште еден доказ дека вложувањето во раниот детски развој е нешто на коешто Владата и МТСП во соработка со општините посветено работат без разлика дали станува збор за градски или рурални средини. За една година отворени се 15 нови градинки, а до крајот на годинава треба да се отворат уште десет.

„Со ова уште еднаш покажавме дека сите деца ни се подеднакво важни без разлика дали живеат во град или во село. На нашите најмалечки им обезбедуваме катче каде ќе можат да се дружат, додека нивните родители ги исполнуваат своите секојдневни работни обврски со што безгрижно можат да се вклучат во пазарот на трудот. Децата ќе бидат згрижени во три групи. Во едната ќе бидат сместени деца до 24 месеци и во останатите две ќе бидат децата до 6 години. Согласно, работните активности на терен, градинка е предвидено да ги отвори своите врати за дечињата до крајот на оваа година. Продолжуваме заедно да работиме на зголемување на капацитетот на установите за згрижување на деца во предучилишно воспитание и образование и зајакнување на професионалниот капацитет на стручниот кадар во истите“, рече Шахпаска.
Според министерката сеопфатноста и темелноста на социјалната реформа обезбедува децата во новите објекти да добиваат простор според највисоките современи европски стандарди, адаптирани за безбеден престој и учење преку игра. Дополнително, преку унапредување и осовременување на наставните програми и обука на воспитувачките се зголемува и на квалитетот на услугите во градинките.

За градинката која се наоѓа во кругот на основното, подрачно училиште Гоце Делчев, каде се школуваат деца од прво до петто одделение од селата Ангелци и Градашорци, Министерството за труд и социјална политика за изградбата од својот буџет обезбеди 13.677.446 денари со ДДВ за градежни активности и опрема во вредност од 2.124.000 денари со ДДВ. Или вкупно 15.801.446 денари со ДДВ.