27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Димитров: Во изминатите 4 години реализиравме 200 проекти вредни 10 милиони евра, продолжуваме со Најдоброто за Виница

Во изминатиот период континуирано работевме во секој дел од градот како и во секое населено место. Ги решивме приоритетите кои ги бараа граѓаните, и еден по еден постепено се реализирани, а со тоа ја вративме довербата и животот на граѓаните на Општина Виница, порача кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Виница, актуелниот градоначалник Ивица Димитров.

Тој соопшти дека во иминатите четири години во општина Виница се реализирани над 200 проекти, поставени се 44км асфалт низ целата територија на Општината, изградена е нова спортска сала во ООУ ,,Славчо Стојменски”, изградена е социјална станбена зграда за 36 социјално ранливи семејства, поставена е нова канализациона мрежа, како и многу други помали и поголеми проекти значајни за жителите на Општина Виница со вкупна вредност од 612.000.000 денари или 10.000.000 евра.

Заедно со кандидатите за советници на Општина Виница изготвивме програма која како и претходната ќе биде реализирана и во која се сместени проекти за сите целни групи, најави Димитров.

Од планираните проекти за наредниот 4-годишен мандат Димитров ја издвои дислокацијата на депонијата кај село Лески, изградба на патот од село Трсино до Голак, кружен тек во градот Виница, нова автобуска станица, скејт-парк, нов булевар во должина од 600м, нова трибина на градскиот стадион и ќе се покрие веќе постоечката, нови велосипедски патеки, приклучување на Виница, и селата Лески, Градец,. Јакимово и Истибања на пречистителната станица во Кочани.

Граѓаните на Виница знаат каква беше состојбата пред 10 години каде беше загрозена безбедноста од хулигани и криминалци, а сега Виница е пристојно место за живеење и граѓаните знаат кој и каков треба треба да биде нивниот градоначалник. Човек кој посветено работи и кој на 17ти Октомври ќе победи во Виница, убедливо уште во првиот круг, порача кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Виница, Ивица Димитров.