Владата на Република Северна Македонија е посветена на реализација на реформите во енергетскиот сектор, донесен е нов Закон за енергетика кој е усогласен со Третиот енергетски пакет на Секретаријатот на енергетската заедница, усвоена е Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и донесени се поголемиот дел од подзаконски акти со кои се овозможува забрзан развој на енергетскиот сектор и спроведување на праведна и правична транзиција кон обновливи извори на енергија, истакна вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој учествува на форумот „Стратешки економски разговори“, кој се одржува во местото Савудрија, Истра, во Република Хрватска. .
„Ги презедовме сите чекори кои се предуслов за енергетска транзиција, помеѓу кои е и целосната либерализација на пазарот, чекор кој нашата земја го направи како прва во регионот. Тоа не е единственото што го направивме како пионери во регионот на Западен Балкан. Први донесовме закон за енергетика кој е во целост усогласен со регулативите и директивите на ЕУ и со Енергетската заедница“, нагласи вицепремиерот.
Битиќи додаде дека во периодот кој следи, во наредните 5-7 години енергетскиот сектор во Северна Македонија потполно ќе се трансформира, пришто ќе се реализираат голем број на јавни и приватни инвестиции во обновливи извори на енергија.
„Со интервентниот план за ивестиции, којшто неодамна Владата го усвои, како одговор за побрзо закрепнување од пандемијата, но и за побрз и одржлив развој на енергетиката и економијата, генерално, во средорочен период од 5 до 7 години, во земјата ќе се инвестираат 3,2 милијарди евра во енергетскиот сектор, мешан капитал, на приватни и јавни инвестиции. Со ова во следните 5 години, ќе го трансформираме енергетскиот сектор во Северна Македонија, кон зелени и обновливи извори на енергија. Тоа ќе придонесе за праведна и правична транзиција од конвенционални извори на енергија со фосилни горива кон обновливи извори на енергија и ќе се тежи кон целосно исполнување на Националниот план за придонеси со кој предвидуваме намалување на емисијата на стакленички гасови до 82% до 2030 година во споредба со истите во 1990 година“, нагласи вицепремиерот Битиќи и додаде дека за постигнување на овие предвидувања, се работи и на промената на свеста кај државните тела, но и едукација на граѓаните, затоа што реализацијата на зелената агенда на Владата ќе донесе поголема конкурентност на економијата, но пред се зачувување на здравјето на граѓаните, заштита на животната средина и подобар квалитет на живот.