25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Нова лабораторија за молекуларна микробиологија со real-time PCR детекција

Секторот за санитарна контрола при ЈП Водовод и канализација – Скопје, врши редовна микробиолошка и хемиска контрола на квалитетот на водата за пиење која се дистрибуира до граѓаните на градот Скопје. Лабораториите кои се дел од Секторот за санитарна контрола се акредитирани лаборатории според ИСО 17025 и се први во државата од овој тип.

Микробиолошката лабораторија врши анализи кои се работат со најновите класични методи за обработка. Со класичните микробиолошки методи кои се работат во лабораторијата идентификацијата на микроорганизми кои доколку се присутни во примерокот на вода трае од 24 до 48 часа.

„Напредокот на техниката и технологијата кој е во постојан подем, но и постојаното зголемување на бројот на жители во градот Скопје, ни наложува на нас како претпријатие кое се грижи за дистрибуција на безбедна и контролирана вода за пиење до граѓаните, добивање на резултати од микробиолошка анализа на водени примероци за пократок временски период. Затоа е формирана нова лабораторија за Молекуларна биологија во рамките на Одделението за микробиолошка лабораторија во која детекцијата за доказ на квалитетна и микробиолошки контролирана вода за пиење се врши со Real-time PCR техника. Карактеристично во молекуларната биологија е дека за идентификација се користи DNK технологија“ – изјави Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

„Real-time PCR детекцијата стана еден од најшироко користените техники, поради својот динамичен опсег, огромна чувствителност и точноста на резултатот за релативно кратко време. Добиените резултати по ваквиот специфичен и модерен вид на молекуларно микробиолошка анализа е доказ за квалитетна и санитарно технички исправна вода за пиење која ЈП Водовод и канализација -Скопје ја испорачува на своите корисници и гарантира секојдневно за безбедноста на истата“ – посочи Билјана Петровска, раководител на Секторот за санитарна контрола.