23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Со Косово потпишан договор за заедничка царинска контрола на преминот Блаце – Хани Елези

Северна Македонија и Косово ќе спроведуваат заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце-Хани Елези, информираат од Министерството за финансии.

Тоа го предвидува денеска потпишаниот Договор за спроведување на спогодбата за соработка меѓу владите на двете земји за погранично регулирање на железничкиот сообраќај.

Договорот го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и неговиот косовски колега Хекуран Мурати во рамки на заедничката седница на владите што се одржа во Скопје.

„Договорот овозможува поедноставување на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и намалување на времето на задржување на граничните премини. Договорот ги утврдува извршувањето на активностите на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и ги утврдува правилата на граничното регулирање на железничкиот сообраќај на овој граничен премин. Контролата ќе ја вршат заедно царински работници од двете земји, на една точка, односно на граничниот премин на Косово, Хани Елези“, се наведува во соопштението.

Од Министерството за финансии посочуваат дека подоброто поврзување и овозможување услови за побрз проток на лица, стоки и услуги значи подобра трговска размена, просперитет за државите и за регионот.

„Со ваквите заеднички активности придонесуваме за поголема пропусна моќ на пратките, како и подобри услови за бизнис заедницата. Трговската размена меѓу двете земји од почетокот на годината бележи раст од 40,2 отсто и достигна ниво од над 200 милиони евра“, нагласуваат од ресорното министерство.

Од таму додаваат и дека во тек е реализација на проектот за изградба на автопат до граничниот премин Блаце, каде, исто така има иницијатива за поставување заедничка контрола.

Активности се преземаат и во областа на енергетиката, поконретно за изградба на Интерконективен гасовод меѓу двете земји.

„Подобрата инфраструктура ќе значи и привлекување повеќе инвестиции. Двете земји имаат потпишано и договори за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот на доход и данокот на капитал, како и за поттикнување и заемна заштита на инвестициите“, посочуваат од Министерството за финансии.