23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Вицепремиерот Николовски на средба со извршната директорка на Канцеларијата на ООН за борба против дрога и криминал, Вали: Напредокот е препознаен и оттаму и поддршката од меѓународните партнери за бескомпромисна борба против корупцијата

Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, ја предводи официјалната Владина делегација во посета на Виена, Република Австрија.

Денеска, во Виена вицепремиерот Николовски, одржа работен состанок со извршната директорка на канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC), Гада Фати Вали. На состанокот се разговараше за досегашната соработка во рамки на Регионалната програма на UNODC за Југоисточна Европа, со посебен фокус на мерките што Република Северна Македонија ги презема во делот на борбата против корупцијата, како и за потпишувањето на Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегални финансии, којшто неодамна го потпишавме сите земји од Западен Балкан.

„Особено ми е драго што UNODC искажа огромна поддршка, го препозна напредокот на Република Северна Македонија и од сите земји од регионот, се задоволни од соработката со нашата земја. Ова е дополнителна мотивација за нас да продолжиме уште повеќе и уште посилно во борбата против корупцијата заедно со нашите меѓународни партнери“, посочи на состанокот вицепремиерот Николовски.

Извршната директорка Вали, го покани вицепремиерот Николовски да присуствува на деветтата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата, што ќе се одржи од 13-ти до 17-ти декември годинава, во Меѓународен конгресен центар во Шарм Ел Шеик, Египет.

Во текот на денешниот ден, вицепремиерот Николовски, одржа работна средба и со директорот на Одделот за договори на UNODC и неговиот тим експерти, на којашто беа презентирани мерките што Република Северна Македонија ги презема во делот на засилувањето на граничната контрола, огненото оружје, имплементацијата на одредбите од договорното писмо кое беше потпишано со Владата во 2020 година, како и имплементацијата на одредбите од Конвенција на Обединетите нации против транснационален организиран криминал и Конвенција на Обединетите нации против корупцијата.

За време на официјалната посета на Виена, вицепремиерот Николовски ќе има работна средба со министерката за правда на Австрија, Алма Задич.