Германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја посети Тирана на 14 септември, објави „Еуроњуз Албанија“, повикувајќи се на неименувани извори.
Во Албанија, Меркел ќе се сретне со лидерите од Западен Балкан, како дел од Берлинскиот процес.
Како што се наведува, средбите ќе се одржат на ниво на премиери.
Најважната компонента на Берлинскиот процес е таканаречената „Агенда за поврзување“, која првично има за цел да ги поврзе шесте земји од Западен Балкан во областа на транспортот и енергетиката.
„Самитите одржани во Германија, Австрија, Франција и Италија помогнаа да се воспостави комуникација меѓу балканските лидери, како и да се дизајнираат неколку инфраструктурни проекти. Одобрените проекти за секоја од шесте земји од Западен Балкан се финансирани делумно од механизмите на ЕУ, а делумно од самите нив“, пренесува телевизијата „Топ чанел“.
Меркел по вторпат ќе биде во официјална посета на Тирана, по посетата во јули 2015 година.