Владата денеска одржа свечена седница посветена на 30-годишнината од независноста на државата.
„Дел од тестовите на зрелоста, во изминатите 30 години, положија генерациите пред нас, а дел од нив ги положија денешните генерации, со што е заокружен илинденскиот и асномскиот континуитет и со храбрите и мудри одлуки денес, отворен е патот, по историскиот исчекор во НАТО-интеграциите, за развој на демократска Република Северна Македонија, со европска иднина“, посочиле учесниците на владината седница.
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање констатирал дека македонскиот народ го зел најдоброто наследство од минатото и создал држава со сосема извесна европска иднина.
„Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен сојуз – НАТО и како кандидатка за членство и во најсилната економска заедница на светот – Европската Унија.
Имаме живо и динамично општество, во кое треба секој од нас да вложува за негов постојан развој. Ја кренавме Северна Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности, на неколку цврсти столбови: правна држава и владеењето на правото, економски раст, општество и институции како сервис за граѓаните, Едно општество за сите.
Наша одговорност и света должност беше и да го зачуваме македонскиот идентитет. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме. Засекогаш, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа. Кристално јасно е дека го исполнуваме заветот на нашите предци кои со векови го афирмираа, го бранеа и гинеа за македонскиот идентитет. Заедно со граѓаните го остваривме тој вековен сон со меѓународна верификација“, истакна во обраќањето премиерот Заев, додавајќи дека 8 Септември, ќе остане запаметен како ден кога граѓаните се обединиле за да ги утврдат стратешките патокази и да трасираат пат за демократски развој, исполнет со меѓусебно разбирање, благосостојба и просперитет.