Како можеме да дозволиме овие луѓе да умрат? Како да им ја затвориме вратата? Работиме на нивно сместување, ќе примиме околу 4 000 бегалци, вели Рама во интервју за Си-ен-ен, пренесе 360 степени.
Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за Си-ен-ен рече дека земјата ќе прими околу 4.000 Авганистанци и дека не се работи за религија или боја на кожата, туку за луѓе.
Нагласува дека Албанија треба да обезбеди засолниште и доверба за бегалците во време на криза.
„Не станува збор за вера или боја, туку за луѓе, треба да им дадеме засолниште. Како можеме да дозволиме овие луѓе да умрат? Како да им ја затвориме вратата? Работиме на нивно сместување, ќе примиме околу 4.000 бегалци“, рече Рама.
Тој посочи дека одлуката на албанската влада да им помогне на Авганистанците не е од верска природа, додавајќи дека фактот што Албанија и Авганистан се претежно муслимански земји нема влијание врз одлуката на владата за прифаќање бегалци.
„Јас сум католик. Мојата сопруга е муслиманка. Двете постари деца се православни. Нашиот најмлад син, ако сака, може да избере да биде од еврејска вера. Се работи за луѓе, без разлика на бојата на кожата, културата или верата“, рече Рама.
Според него, доколку Европската Унија и САД одлучат да ја повлечат поддршката за авганистанските бегалци, Албанија нема да го стори тоа, туку ќе им обезбеди азил.