Се повеќе загрижува недоличниот вокабулар, кој особено на социјалните мрежи, го користат лидерите на големите опозициски партии, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев. Првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, наместо да ги споделат своите идеи и да развијат дебата за предлозите со следбениците, тие влегуваат во кавга со сите кои не размислуваат како нив, а кавгата пак неретко завршува со користење навреди и пцости, кои воопшто не доликуваат на сериозни политичари, кои треба да се пример во општеството.
Последно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веројатно во наплив на емоции, се дрзна во коментар под неговиот фејсбук статус на нестомисленик да му напише „мау им ибм предавничка“, што е и повеќе од доволен доказ за недолична комуникација на претседател на партија. Се почесто ваквите навреди и обвинувања ги користат и членовите и симпатизерите на партијата на социјалните мрежи, кои го следат примерот на нивниот лидер. Во еден од коментарите од вечерта кога Мицкоски реши да си ја „отвори душата“ на фејсбук, тој напиша дека сега е веќе добро да се спроведе пописот, бидејќи неговата партија обезбедила фингерпринти и тоа е „можност да докажеме дека не има повеќе од 70% македонци во Македонија. Но, за жал, тука сте вие преторијанците на Зоќи и нормално ќе работите против македонскиот народ“. Овој коментар следува еден месец откако ВМРО-ДПМНЕ ја презентираше новата концепција „Македонија за сите“, а нивниот лидер очигледно влета во поделби на етничка основа и тоа на само неколку дена од одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конгликт од 2001 година.
Фрапантниот вокабулар, навредливиот говор, кавгите и пцовките а социјалните мрежи од ден во ден се повеќе прераснуваат во главно обележје и канал на комуникација на лидерите на опозицијата, бидејќи освен Мицкоски, уште пожесток во нападите е претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Според познавачите одлика на сите политички партии е да користат народен речник во комуникацијата со нивните гласачи, но за жал тоа се прави без да се води сметка за нивото на кое се комуницира. Најчесто овие ниски препукувања фактички се одлика на луѓето што користат популизам за да ги мотивираат масите, а не конкретни идеи, проекти, понуди кои би биле решенија за конкретните проблеми не само на нивните гласачи, туку и на сите граѓани.
Комуниколозите сметаат дека во морето од информации и вести политичарите се трудат да го привлечат вниманието на медиумите, новинарите и граѓаните, а провокативите изјави, ословувања, напади и прозивки најчесто успеваат во тоа. Од друга страна, пак, на овие нови платформи кои постапно се развија во една нова јавна сфера се негува стил кој е доста експресивен, емотивно обоен, често вулгарен и каде етичката комуникација е далеку поретка. Во нашата политичка комуникација нискиот стил има своја подолга традиција, но дека сега во ерата на социјалните медиуми веројатно го доживува својот врв и златно доба и носи само штетни последици, а единствено останува да се види дали Мицкоски и Апасиев ќе ги смират страстите или може да се очекуваат уште пожестоки пораки во пресрет на локалните избори.