Пекабеско донира над 5000 прехранбени производи за граѓаните кои живеат во областите зафатени од големите пожари. Донацијата е од програмата на компанијата за конзервирана храна, а се реализира во соработка со Црвениот Крст кој ги дистрибуира овие пакети со храна до најпогодените граѓани во опожарените подрачја ширум Македонија.
Со ова Пекабеско се приклучи на големиот број општествено одговорни компании, организации и хумани граѓани кои пружаат несебична поддршка на оние на кои во моментов им е најпотребна помош.
„Наша обврска како компанија е да помогнеме во вакви тешки моменти за нашите сограѓани. Коронакризата, но и ваквите елементарни непогоди секогаш треба да не потсетуваат дека поддршката и солидарноста во вакви времиња се повеќе од неопходни. Грижата за заедницата подразбира несебичност во најтешки моменти. Токму затоа, и овојпат би сакал да ги повикам и охрабрам сите наши партнерски компании да го следат ваквиот пример и во рамки на своите можности да склучат партнерства за поддршка на хуманитарните организации како што е Црвениот Крст. Само на ваков начин ја поддржуваме нивната мисија, а даваме поттик и признание за илјадниците волонтери кои се на првите линии на фронтот помагајќи при вакви елементарни непогоди“, истакна Првиот Извршен Директор на Пекабеско, Слободан Кутревски .
Пожарите предизвикаа голема материјална штета и загрозуваат голем број на луѓе, поради што е добредојдена секаква помош, велат од Црвениот Крст. Нивните тимови се постојано на терен со цел поддршка во справувањето со состојбите во опожарените предели. Тие постојано обезбедуваат и прехранбени производи и вода за најзагрозените лица и семејства кои беа зафатени од овогодинешната огнена стихија.
Инаку, Пекабеско e долгогодишен партнер на Црвениот крст, а покрај донација на пакети со храна за најзагрозени семејства, реализира и годишна соработка за поддршка на Пунктот за бездомници на Црвениот Крст на Градот Скопје преку донација на производи. Исто така, во текот на минатата година, компанијата донираше и 7 тони храна како поддршка за семејствата кои беа најпогодени од кризата предизвикана од Ковид-19, а Пекабеско е дел и дава поддршка на голем број хуманитарни и општествено-одговорни акции организирани од различни организации.