25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Бектеши: Плус 15 проценти финансиска поддршка за инвестиции од дијаспората

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска одржа прес-конференција за измените и дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, предложени од Министерството за економија.

Бектеши рече дека Министерството за економија во континуитет ја изрази својата подготвеност и добра волја да поддржи и создаде многу поповолни услови за секој инвеститор кој има интерес да инвестира во нашата земја.

„Целта на измените и дополнувањата на овој закон е забрзување на економскиот раст и развојот на Република Северна Македонија преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на економијата на Република Северна Македонија и вработувањата“, изјави Бектеши.

Со измените се прошируваат видовите на финансиска поддршка, и тоа за: технолошки развој и истражувања, поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес, воспоставување и унапредување на соработката со регистрирани добавувачи во РСМ, поддршка за преземање претпријатија во тешкотии и конкурентна способност на пазарот.

Исто така со цел да се даде можност за користење на предвидените измени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, односно можноста за поднесување барање за користење финансиска поддршка и во 2021 година, направени се измени во однос на временските периоди и датумите.

Бектеши најави дека воспоставувањето и унапредувањето на соработката со добавувачи регистрирани во РСМ, вредноста на вкупно извршени набавки е зголемена од 1% на 10% на производи од добавувачи, што се вградуваат во производот на корисникот на финансиската поддршка во претходната година под услов вкупните набавки од добавувачи да бидат најмалку 7,5% од вкупните набавки на корисникот на финансиска поддршка во претходна година.

„Со овие измени и дополнувања исто така се регулира финансиската поддршка на државјани со постојан и привремен престој во и надвор од РСМ каде што се зголемува износот на финансиска поддршка за 15% од оправданите инвестициски трошоци, но не повеќе од 1.000.000 евра”, изјави Бектеши.