25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Навремено се забележани девет пожари во Охрид, поставени се полициски пунктови

Со цел поефиксна превенција, рано предупредување и спречување пожари на отворен простор и во шумски предели, СВР Охрид, на целото подрачје постави полициски пунктови од каде се надгледуваат отворените простори и спроведува полициски патроли за преглед на шумските терени, посебно на потенцијални покритични места.

Од досега преземените мерки, на подрачјето на СВР Охрид, навремено се забележани девет пожари кои се појавиле во шумски подрачја и со брза интервенција на надлежните служби, тие се локализирани и спречено е нивното понатамошно ширење. Заради поефикасна борба, СВР-Охрид ги вклучи и сите други расположливи капацитети и опрема која наменски може да се користи за контрола, превентива и заштита на шумите од пожар, како и да одговори на потребите во случаи на локализирање на евентуално настанат пожар од поголем обем, информираат полициските служби.
„Во соработка со Територијалната противпожарна единица, ЦУК, ДЗС, ЈП „Национални шуми“, Националните паркови, шумската и граничната полиција, АРМ, органите на локалната самоуправа, Црвениот крст и другите надлежни субјекти и институции се следат состојбите на подрачјето во врска со пожарите и се преземаат мерки за заштита и навремено забележување и информирање за настанат пожар до сите останати релевантни субјекти, за координирано преземање на натамошни мерки и нивно навремено локализирање“, додаваат од СВР Охрид.