Министерката за одбрана Радмила Шекеринска утрово разговараше со својот словенечки колега, Матеј Тонин, при што го информираше за состојбата со пожарите и побара помош. Министерот Тонин порача дека Словенија е подготвена да помогне со сите свои капацитети за гаснење на пожари.
Во разговорот, министерката Шекеринска информираше за вклученоста на Армијата и поддршката која армиските сили ја даваат на државните институции во справување со огнените стихии и изрази благодарност за подготвеноста на нашиот НАТО сојузник, Словенија, да помогне во справувањето со оваа елементарна непогода.
Министерот Тонин изрази жалење за состојбата и додаде дека во неволја се познаваат вистинските пријатели.
„Можете да сметате на нас“, порача министерот Тонин.
Комуникацијата на ниво на институции за координација на словенечките капацитети за помош во справувањето со пожарите е во тек.