23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Театар Комедија со „Вечера за глупаци“ на „Охридско лето“

Театар Комедија од Скопје вечерва ја продолжува драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ со изведбата на театарската претстава „Вечера за глупаци“ на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.

„Вечера за глупаци“ е правена според текст од Францис Вебер, а во режија на Ирена Стеријовска. Во неа играат Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Илија Илиоски,Тони Денковски, Ема Давчева, Благица Трпковска, Јаков Спасов и Столе Мицов.

Станува збор за приказна која го коментира високото француско општество, кое, презаситено од сè што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Имено, темата која се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува. Во дејствието се раскажува за еден претставник на високото општество, кој по серија случајни несреќи што му се случуваат, заглавува на вечера со претставник на онаа група што планирал да ја исмева.

Претставата не се препорачува за лица помлади од 16-годишна возраст.