„Работниците со години беа на маргините, а нашите најранливи граѓани ги оставивме на инвеститорите и ги продававме како евтина работна сила. Од тоа не се срамеше нашата држава. ВМРО-ДПМНЕ не се усрами и не се извини за тоа“ рече потпретседателката на СДСМ и министерка за образование, Мила Царовска на граѓанската трибина „Најдоброто за нашата општина“ во Битола.
Таа додаде дека од доаѓањето на власт на СДСМ, се покажа дека минималната плата во земајва може да биде повисока и таа расте во континуитет секоја година.
„Горда сум што по 30 години конечно зборуваме за реформи и инвестираме во образованието. Нема држава која сака европски и светски стандарди, а притоа не инвестира во образованието. Како може некој да биде патриот, а да не се грижи дали ќе имаме лекари, наставници?“ запраша Царовска.
Минситерката за образование додаде дека треба да се слушаат младите и да се сервисираат нивните барања, за да им се покаже дека и тие учествуваат во политиките и дека се дел од државата, за својата иднина да ја гледаат тука.
„Не си одат младите само поради пари и егзистенција. Тие треба да се почувствуваат дека се дел од оваа држава. Треба да ги слушнеме и да направиме тоа што бараат, бидејќи тие знаат што им треба“ кажа Царовска.
Таа додаде дека Владата на СДСМ прави тоа што граѓаните го бараат и што им е потребно и додаде дека за овие 4 години, е направено двојно повеќе од тоа што ВМРО-ДПМНЕ направи за 12.