Не треба да биде запрен развојот на Охрид, но тоа мора да биде по план, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Прашан за расправата на Центарот и советодавните тела на УНЕСКО во однос на идниот статус на Охрид, премиерот изјави дека ќе се почитува каква и да биде конечната одлука. Рече дека без оглед на тоа, Охрид е нашето културно наследство и природно богатство кое што мораме да го чуваме.
„Каква и да биде одлуката ние ќе ја почитуваме. Ставањето под опасност значи аларм кој од нас бара повеќе да бидеме фокусирани. Ќе ни биде драго и особено ќе го почитуваме ако го дадат тој дополнителен рок што ќе дискутираат таму на тие заседанија, затоа што не е ред светот да води грижа пред се’ за Охрид, ред е ние да водиме грижа дома и верувам дека ќе успееме“, истакна Заев.
Премиерот ја обвини претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ дека 11 години не се грижела за Охрид и уништувала, па вели дека е кус периодот градот да се врати се во нормала, иако благодарение на локалните и извршните власти се менува сликата и постигнат е напредок.