23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Николовски: Финансиските истраги и конфискацијата на имот се клучни за борбата против високата корупција и организираниот криминал

Новата Национална Стратегија потврдува, дека како Влада внимателно ги следиме забелешките на сите релевантни домашни и меѓународни организации, и веднаш реагираме со конкректни чекори, порача заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, на денешната промоција на „Националната Стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“.

Вицепремиерот Николовски изјави дека усвојувањето на оваа Стратегија е дел од активностите утврдени во владиниот План за борба против корупција, што ќе придонесе за зголемување на ефикасноста на кривичните истраги кои треба да резултираат со конфискација на имот и противправна имотна корист.

„Конфискацијата на имот како мерка постои во нашето законодавство, но досегашните анализи покажуваат дека оваа мерка при криминалистичките истраги не се покажа доволно ефикасна. Причината за ваквата примена се лоцира во повеќе фактори, како отсуство на електронска поврзаност на Јавното обвинителство со надлежните институции, недостиг на човечки ресурси, отсуство на координација помеѓу институциите, проценка на вредноста на имотот што привремено се одзема и друго“, рече вицепремиерот Николовски додавајќи дека тоа беше и причината за пристапување кон евалуација и надградување на постоечката Стратегија, овој пат дополнета со детално разработени Акциски планови подготвени од надлежните институции.

„Активностите кои се предвидени во новата национална Стратегија, ќе придонесат за надминување на проблемите во правната и институционалната рамка во однос на спроведување на финансиските истраги. Стратегијата предвидува потикнување на проактивноста на институциите вклучени во финансиските истраги, со што се овозможува водење на финансиска истрага паралелно со криминалистичката истрага. На овој начин се елиминираат ризиците од прикривање, распродажба или изнесување на противправно стекнатиот имот надвор од државата“, изјави вицепремиерот Николовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги презентираше надлежностите на МВР поврзани со активностите што произлегуваат од новата Национална Стратегија.

„Имплементацијата на наведената стратегија ќе придонесе кривичните истраги да резултираат со поголема конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне и ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Само со спроведување на меѓуресорски координирани финансиски истраги со цел идентификување и следење на приноси, имот и имотна корист во земјата или во странство, а кои ќе се спроведуваат паралелно со криминалистичката истрага, може да се обезбеди нивна подоцнежна конфискација“, рече министерот Спасовски.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, посочи Стратегијата и Акцискиот план се важен исчекор во борбата против криминалот и се очекува да придонесат за зајакнување на координацијата помеѓу надлежните институции за водење на финансиските истраги.
Директорката на Управата за јавни приходи Лукаревска појасни дека УЈП како неопходен орган во алката на спроведувањето на финансиските истраги ќе биде дел од Националната комисија за следење на имплементацијата на Стратегијата и Акциските планови, како и дел од мулти-агенциски тимови кои ќе вршат координирана заедничка работа на сложени предмети со претставници од повеќе институции координирани од ОЈО.
„За областа Платформа за интероперабилност, сертифицирање и развивање на веб сервиси – прилагодување на ИКТ Системите на институциите за примање на податоци од институциите од кои имаат потреба, УЈП се наоѓа во процес на дигитализација и модернизација на ИТ системот и воспоставување на нов интегриран даночен информационен систем (ИДИС) . Воспоставувањето на ВЕБ сервиси за цели на размена на податоци со трети страни е дел од новиот ИДИС и континуирано се зголемува степенот за размена на податоци преку Платформата за интероперабилност“, рече директорката Лукаревска.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, изјави дека Управата е доста активна во преземањето на дејствија во врска со финансиските истраги без оглед дали се работи за спроведени финансиски истраги по сопствена иницијатива, или по барање на надлежно Јавно обвинителство или други институции кои посочуваат постоење на основи на симневање за сторено кривично дело.

Новата Национална стратегија ќе се имплементира во следните две години.