22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Кабинет на Заев: Партнерите во Коалицијата не се условуваат, туку работат по принципот на заедничко разбирање и соработка

„Владината коалиција функционира одлично. Партнерите во Коалицијата не се условуваат туку работат по принципот на заедничко разбирање и соработка. Тоа е новата политика која порталите под контрола на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште имаат мака да ја разберат“, велат за „Локално“ од Кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Реакцијата доаѓа откако вчера се појавија информации дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коалицискиот партнер на СДСМ, упатил ултиматум до премиерот и лидер на СДСМ – или поддршка за неговите кандидати или предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

Дали албанските партнери преку ултиматуми билдаат позиции пред дефинитивниот договор за настап на локалните избори или се сериозни во намерата да ја растурат Владата ќе биде појасно по средбата помеѓу Заев и Ахмети, пренесе плус инфо, кој се повикува на добро информирани извори.

Премиерот Зоран Заев, откако веќе имал средби со лидерите на ДПА и на Беса, Мендух Тачи и Билал Касами, до крајот на неделава треба да се сретне и со коалицискиот партнер Али Ахмети. Тој вчера изјави дека е потврдено дека меѓусебно ќе си помагаат на изборите, иако локалните избори се поинакви од парламентарните и многу зависи од кандидатите.

На новинарско прашање кого ќе поддржи СДСМ во Тетово, Беса или ДУИ, Заев рече дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.

„СДСМ ќе го поддржи СДСМ. Таму имаме три коалициски партнери кои сигурно ќе настапат со свои кандидати. Нас анкетите ни покажуваат дека високо котираме и логично е да одиме со наш кандидат, за во вториот круг, кога би останала една владејачка и една опозициска партија, да се поддржи кандидатот од коалициските партнери“, изјави Заев.

извор Локално