Денес во Инженерскиот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје официјално беше отворен дводневниот Саем за пракса и вработување TECHMECH 2026, кој продолжува и утре, 15 октомври 2026 година. Настанот, организиран од Факултетското студентско собрание на Машинскиот факултет во соработка со Машинскиот факултет при УКИМ, Центарот за кариера при УКИМ, ЦИЗИ и ЦИРКО, собра 18 компании партнери од различни индустрии кои нудат практикантски позиции и можности за вработување. На саемот присуствуваат студенти и дипломци од Машинскиот факултет и од другите инженерски факултети, а посетителите имаат можност да се запознаат со програми за пракса, проекти за млади инженери и конкретни работни понуди.
Покрај изложбениот дел, програмата вклучува две панел дискусии на кои се разгледуваат актуелни теми: денеска се одржа дебатата за улогата на инженерот во ерата на вештачката интелигенција, а утре е предвидена дискусија за зелената индустрија и претприемачките можности за младите. Настанот веќе привлече голем број студенти од целиот универзитет, кои активно ги разгледуваат понудите и учествуваат во работилниците и презентациите.
„Машинскиот факултет континуирано работи на унапредување на наставата, развивање практични знаења и вештини и создавање услови студентите да бидат подготвени за предизвиците на современата индустрија, Но, за да го постигнеме тоа, потребна ни е активна и континуирана соработка со компаниите – преку студентски практики, менторство, заеднички проекти и можности за вработување“, изјави проф. Радмил Поленаковиќ при отворањето на TECHMECH 2026.
Саемот е пример за успешна соработка меѓу академската заедница и бизнис секторот, која носи конкретни придобивки за студентите и за компаниите кои бараат мотивирани и компетентни млади кадри.
„Убеден сум дека „TECHMECH 2026” ќе придонесе за создавање нови контакти, конкретни можности и успешни приказни на соработка меѓу студентите, компаниите и Факултетот. Нашата заедничка цел е едноставна, но исклучително важна: да им овозможиме на студентите перспективна професионална иднина, а на компаниите – квалитетни, мотивирани и компетентни млади кадри“, додаде проф. Радмил Поленаковиќ.
Саемот потврдува дека денешните студенти, утре сигурно ќе бидат градители на технолошката и економската иднина на нашата држава.
фото Chapter4


