Во интервју за 24инфо.mk градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски говори за досега реализираните проекти во општината и плановите за развој на Ѓорче Петров во иднина.
Наумоски смета она што со својот тим успеал да го реализира е доволен доказ за да може да каже дека имал успешен мандат.
„Пред четири години Ѓорче Петров беше запустена општина, во долгови, без ниту еден капитален проекти, без никакви планови за натамошен локален развој.
Уште во првите денови од мандатот се фативме во костец со проблемите, еден по еден ги решававме и презедовме сериозни чекори кои значеа конкретни проекти и планови.
Поставивме стандарди на одговорно, домаќинско, отчетно и транспарентно управување на општината.
Со многу труд успеавме да ги реализираме сите капитални проекти за кои во 2017 ја добивме довербата од граѓаните.
Општината доби нов современо и економично ЛЕД осветлување, во Волково градиме најмодерна детска градника, а во истото населено место изградивме училишна спортска сала, го реализиравме проектот Корзо за ново урбано јадро во општината, Ѓорче Петров добива нов затворен базен, во Хром решаваме децениски проблем преку изградба на ново училиште. Остана само амбулантата во Дексион но и тој проблем набрзо ќе го премостиме со поставување на нов монтажен објект, сличен на модуларните болници кои се поставија во неколку градови.
Покрај ова реализирани се и други проекти како нови водовоси и канализации, кружен тек во Волково, асфалтирање и поплочување улици, нови детски игралишта, скверови, паркинзи, паркови за миленици…околу 200 проекти кои се реализирани или се во фаза на реализација кои се потврда за успешен мандат“ посочи Наумоски.
Тој додаде дека и покрај скромниот општински Буџет, сепак со средства од општината и со помош од централната власт реализирани се дузина капитални проекти, а на прашањето дали би ја водел општината и во следните четири години, Наумоски истакна дека за тоа последниот збор ќе го имаат истражувањата и анализите на јавното мислење.
„Едноставно, нема компромис кога се во прашање интересите на граѓаните на Ѓорче Петров.
Нема поодговорна и истовремено посериозна задача од тоа да работиш за своите сограѓани за својата населба и општина и оттука, подготвен сум да му служам на Ѓорче и во следниот период.
Секако последниот збор за тоа ќе го имаат граѓаните. Како што знаете СДСМ партијата од која доаѓам прави анализи и сондажи на јавното мислење, течат консултации и со членството, по што ќе дојде одлука за кандидатот за градоначалник. Верувам дека кога анализите и истражувањата ќе завршат, партијата ќе излезе со најдобрата понуда за кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров“ заклучи Наумоски.