24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Ќе обезбедиме бесплатен приклучок на гас за секое домаќинство

Дали тоа што во моментов ДДВ-то за домаќинствата за цената на електричната енергија се намали на 5% и тоа за период до 30 јуни 2022 година, е само злажување на народот додека да поминат изборите? Дали ова значи дека СДСМ заговара поголема цена на струјата после изборите?

Ова се прашања кои на денешната прес-конференција ги упати Стевче Антовски, член на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што кажа тој, судејќи според начинот на кој во моментот СДСМ ги води најголемите енергетски компании ЕЛЕМ и МЕПСО, неминовен е колапс на истите, кој ќе резултира во енормно покачување на цената на струјата во иднина.

„Истото може да се заклучи и од изјавата на Маја Морачанин, која е коалиционен партнер на Заев и СДСМ, а тврди дека струјата треба да е скапа за да ја користиме што помалку. Ова внесува сомнеж и предупредување дека од следната година навистина нé чека ценовен шок заради можниот пораст на цената струјата“, посочи Антовски.

Според него, контрадикторни се политиките на власта дека струјата треба да е скапа за граѓаните да ја трошат помалку, а од друга страна на големо се делеле субвнеции за инвертер клима уреди кои работат на струја.

„Дали ова значи дека власта е тотално изгубена во своите енергетски политики, кои не се ништо друго освен тактиката за поткуп“, запраша претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој тврди дека загадувањето на воздухот е можно да се намали со промена на начинот на загревање на домаќинствата, односно со овозможување и пристап до мрежите за природен гас.

„Целта на ВМРО-ДПМНЕ е секое домаќинство да добие можност за бесплатен приклучок на гас. Нашиот план е најмалку 50% проценти од домаќинствата да добијат бесплатен приклучок на гас, со што и загадувањето на воздухот ќе се намали“, посочи Антовски.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ планира зголемената акциза од три денари за дизел горивото, да ги врати назад кај граѓаните преку вложување во образованието, културата и спортот.

„Еколошката такса која сега ја заговараат или т.н. кризен данок од околу 4 денари на бензините и нафтените деривати не треба да се донесе, бидејќи тоа не е ништо друго освен начин како од граѓаните да се надополни дупката во буџетот која се создава поради намалениот ДДВ за струјата“, кажа Антовски на денешната прес-конференција.