„Ги повикувам сите градоначалници да аплицираат бидејќи имаме повик за ваков тип на проекти за локални улици, да ги искористат своите средства, да аплицираат со квалитетни проекти“, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски по увидот во реконструкција на ул. „Гоце Делчев“, во рамки на проектот „Поврзување со локални патишта”, во Тетово. Тој додаде дека е задоволен од реализацијата на овој проект, бидејќи, според него, општините се капацитетни и нудат голем број на проекти што покажува дека се борат за своите граѓани. Според него парите се ставени на располагање и веднаш можат да се користат.
Одговарајќи на новинарските прашања во однос на инфраструктурата во полошкиот регион, тој рече дека е задоволен што ќе се реконструира автопатот Тетово-Гостивар.
-Само во овие 4 години реконструиравме и рехабилитиравме, изградивме преку 1000 километри патишта во државата и заради тоа, веќе се работи на проектирање на новата траса на Тетово-Гостивар којашто ќе биде траса за едниот правец а постоечката ќе остане за другиот правец, ова е од исклучително значење и токму со ова сакам да укажам дека Владата го има во план целосна реконструкција на овој автопат.“
Според министерот, на автопатот Тетово-Гостивар, токму поради наплатата на патарините и поради што развојот на инфраструктурата во државата е еден од клучните приоритети на кои работи власта, се работи на целосна реконструкција и проширување на овој автопат.
-Кога ќе се реконструира тој автопат постоечкото решение ќе биде во едниот правец, од Тетово кон Гостивар, а другата траса која што ќе биде изместена, нема да биде паралелно со овој пат ќе биде од Гостивар кон Тетово, секако дека ќе се плаќаат патарини затоа што по Законот за јавни патишта во државата на сите автопати се плаќа патарина по такса која што е утврдена со Закон и тоа е исклучиво само заради аспектот да имаме модерни патишта, да можеме да ги одржуваме, да можеме при зимски услови да ги исчистиме од снежни наноси, и да можеме почесто да ги реконструираме да бидат во добра кондиција заради тоа што патиштата се лицето на државата, изјави Бочварски.