24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСИЗБОР

Премиерот Заев: Со поддршка на Владата, преку Развојната банка ќе се вбризгаат дополнително 100 милиони евра капитал за поддршка на малите и средни претпријатија

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска на прес-конференцијата во присуство на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за правда Бојан Маричиќ, информираше за Одлуката донесена на денешната редовна, 83-та седница со која со поддршка на Владата, преку Развојната банка на Северна Македонија, која ќе ги пласира средствата преку деловните банки, ќе се вбризгаат дополнително 100 милиони евра евтин капитал во стопанството по исклучително ниски каматни стапки од 1,6%.

Владата, посочи премиерот донесе Одлука да ја субвенционира каматата која Развојната банка ја плаќа кон Европската инвестициона банка при повлекувањето на овие средства.

„Со оваа одлука утврдивме и други многу поволни услови кои ќе им се понудат на малите и средни компании. Рокот на отплата на овие кредити е до 12 години со вклучен грејс-период од две години, зависно од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства.

На овој начин ќе се обезбедат средства за поддршка на малите и средни претпријатија за заздравување од ефектите од Ковид-19 пандемијата. За нашата економија, овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст.

Овие исклучително поволни кредитни линии се наменети за мали и средни претпријатија или за претпријатија со помалку од 250 вработени и средно пазарно капитализирани претпријатија, односно претпријатија со 250 до 3.000 вработени“, информираше премиерот Заев.

Тој, прецизираше дека кредитите набргу ќе им станат достапни на фирмите, односно во текот на јули се очекува склучување на договор на Развојната банка со деловните банки.

„Трошокот на Владата за оваа мерка е нешто над четири милиони евра, но добиваат компаниите, добиваат работниците, добиваат граѓаните нови работни места. Нашата определба како Влада е да продолжиме со фискалниот стимул на стопанството се додека тоа не застане на здрави нозе. Претходните кредитни линии од Европската инвестициона банка, пласирани преку Развојната банка, покажаа навистина добри резултати“, истакна премиерот Заев на денешната прес-конференција, додавајќи дека од 2009 година наваму, пласирани се пет вакви евтини кредитни линии за стопанството.

„Петте кредитни линии во вредност од 450 милиони евра се целосно искористени и поддржани се 2.090 проекти на трговски друштва од областа на производството, услугите, градежништвото, трговијата, хотелите и рестораните, транспортот, здравството и образованието.

Околу 75% од средствата се искористени за инвестиции и отворени се над 8.000 работни места. Ова е шеста ваква кредитна линија, но по значително пониска каматна стапка“, заклучи премиерот Заев на прес-конференцијата, на која го презентираше и Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на КОВИД-19, како мерка која опфаќа 150.000 граѓани.